Силвана Стефановски стои позади профилот на Silvsplants кој е прв профил од ваков карактер и важи за најинтересен профил за растенија на нашата сцена. Силвана дали можеш да ни кажеш како започна оваа твоја приказна?
– Благодарам за убавата најава и драго ми е што мојот профил го доживувате како интересен и корисен. Приказната со профилот започна во пандемијата, а со растенијата во 2016 година додека сè уште бев студент на Природно Математичкиот факултет. Бев активна во многу групи за одгледување на растенија и бидејќи ги познавав латинските имиња на растенијата често добивав епитети ‘’матичен доктор за растенија” па група мои пријателки ме натераа да го отворам профилот за кој сега сум и јас, а верувам и сите кои ме следат многу благодарни.
Од каде е желбата за одгледување и колекционирање на сукуленти? Според твоите фотографии се гледа љубовта во одгледувањето па сакаме накратко да ни раскажеш и да споделиш со нас.
-Ова што го правам го правам со многу љубов, минатата година поради големиот број растенија направив и посебно катче од лексан за нив каде што можам да ги гледам и негувам на едно место. Љубовта за растенија верувам дека ми е од баба ми која имаше многу растенија во нејзината градина. Од сите внуци уште тогаш бев нај љубопитна и поставував многу прашања. Биологијата како предмет го сакав и во основно и во средно образование, па така се запишав на Биохемија и физиологија на ПМФ. Во текот на моите студии ме заинтересира можноста за пропагација која ја нудат сукулентите и мојата желба за експериментирање ја насочив во истражување на истите и надоградување на знаењето од мојата струка.
Што најмногу те фасцинира кај нив и колку долго веќе го правиш ова?
-Сукулентите се растенија кои сами по себе се предизвик за секого. Јас сум човек кој сака комплицирани работи и сака предизвици, така што уште од првиот момент знаев дека тоа се растенијата кои сакам да ги одгледувам. Сепак, големиот број информации и советите кои во моментов ги давам на профилот верувам дека се од голема корист бидејќи знам колку би ми значеле мене на моите почетоци.Започнав со кактуси во 2016 година, а првите сукуленти ги купив летото 2017 година и од тогаш сум опседната со нив.
Имаш ли некој омилен сукулент или кактус? Дали има приказна околу него со која си емотивно врзана?
-Кога имате преку 1000 видови тешко е да се одбере едно растение и да се каже дека истото е омилено или е пред другите. Можам да кажам дека Красулите како род најмногу ми се допаѓаат и со голема страст ги одгледувам. Среќна сум што можам да се пофалам со многу видови од родот Красули во мојата колекција. Растение со кое сум емотивно врзана немам, за сите ми е подеднакво жал кога умираат од билокоја причина која не е во човечка моќ да се спречи. Имам неколку растенија кои ми се од самите почетоци и тие ми се посебно драги, не би сакала даги изгубам, но сепак не би го доживеала тоа фатално како што го доживував во минатото.
Ти си првата македонска инфлуенсерка за растенија која воедно има издадено и бележник со совети за растенија, како и краток прирачник– Како се роди таа идеја?
-Идејата дојде од потребите на луѓето кои ме следат, како и прашањата кои секојдневно ги добивав и добивам. Сметам дека бележникот со кратки илустрирани совети е одлична алатка и поттик за секој еден кој започнува со огледување на растенија и му требаат насоки според кои ќе се раководи. Освен тоа е многу убав подарок за луѓе кои ја сакаат природата или едноставно сакаат бележници и книги со убава содржина и корици. Од друга страна краткиот прирачник е надополнување, истиот во моментот го подарувам во ПДФ форма на секој кој ќе го купи бележникот со совети. Таму има детално, накратко објаснување како да се постапува во дадени ситуации и кои сигнали кај растенијата треба да се следат.
Прирачникот е фантастичен – од првиот миг кога го видов сакав да почнам да чувам повеќе растенија, криеш ли уште новитети во ракав или сега ќе се фокусираш на нејзино надоградување?
-Навистина ми значат убавите зборови, целта е да се поттикне младината повеќе да внесува свежо цвеќе дома, наместо пластифицирано – вештачко. Јас сум човек со многу идеи, но за реализација секогаш е потребен фактор време. Нека останат мистериозни моите планови за да останат читателите љубопитни и да ги поттикнам будно да ме следат.
Која е Силвана кога не е меѓу своите растенија?
-Силвана е хиперактивна мајка со исполнет ден околу своето бебе во моментов, а секој слободен момент го користи за дружење, прошетки или кафе во тишина. Сакам да одам на прошетки сама со моето куче кое и го нарекувам прв син, времето со него ми е многу важно и ми го подобрува менталното здравје.
Твојата лична приказна – на кратко, онаа која што не е поврзана со сукулентите?
– Јас сум љубител на науката и истражувањата, многу ја сакам струката која ја завршив, но за жал не добив можност да работам истражувачка, експериментална и лабораториска работа пред да останам трудна. Верувам дека мојата иднина има подобри планови за мене.
Твојата цел генерално и што е она што те води низ лавиринтите на животот?
-Моите најблиски, нивната среќа и деновите поминати со нив ми се мотивација и единствено нешто на кое се ослонувам кога ми е тешко, но и со кои славам кога ми е убаво. Немам цели поврзани со материјално богатство, сакам само она што го правам да направипромена во еколошкиот развој, начинот на гледање на растенијата и придобивките од нивното одгледување, како и подобра иднина за генерациите кои следуваат.
Млада си и амбициозна, со интересна професија и атрактивно хоби – која е твојата неостварена желба до сега?
-Моја желба сега и секогаш ќе биде да живеам во топол регион каде ќе можам да одгледувам сукуленти во сопствената градина и никогаш да не се грижам дека истите ќе смрзнат. Сакам мирен живот, покрај вода или на село, мислам дека мирот се потешко се наоѓа во овие брзи времиња.
Мислиш ли дека растенијата,цвеќињата, кактусите ги зближуваат луѓето?
-Оној кој ја љуби природата ќе го пронајде патот да биде со своите истомисленици. Оние кои до сега немале можност да ги видат убавините на природата под влијание на нас “Зеленитe” сигурно ќе добијат желба да внесат барем едно растение во својата канцеларија, ако не во својот дом.
И за крај дали можеш да ни кажеш еден цитат, твој или од некој кој те води низ приказната која неуморно ја создаваш?
-Уште еднаш да се заблагодарам за убавите прашања и можноста да ја раскажам на кратко мојата приказна, а за се останато можат читателите да видат и прашаат на профилот на Silvsplants на Инстаграм и Фејсбук.
Мој омилен цитат, кој ми е поттик да гледам позитивно во тешки мигови преведен на македонски би звучел вака:
Истата вода која го омекнува компирот, го зајакнува јајцето. Не е до околностите, туку од што си направен.
(The same boiling water that softens the potato hardens the egg. Its about what you’re made of, not the circumstances)