Изработувате куклички со посебна техника која се вика амигурими техника, дали може да ни кажете нешто повеќе околу тоа и да ни го објасните процесот?
Амигуруми е јапонска техника на изработка на куклички полнети со антибактериско силиконско полнење. Самата техника значи плетењето да е доволно цврто за да не се може да излегува полнењто , ниту пак да се гледа. Најчесто тоа се сосема безбедни играчки со кои можат да другаруваат и бебиња од 0+месеци, па се до поголемки дечиња кои имаат побурна фантазија па истите сакаат да ги соблекуваат деловите од облеката, чевличките, да им ја чешлаат косата и сл. Се почнува од стапалата, нозете, торзо и на крај глава како една целина , а рацете може накнадно да се сошијат или исто да бидат вплетени заедно со торзото. За животните посебно се изработуваат ушињата, носето и сл кои потоа се шијат, но многу внимателно за да не се познава составот.
Кукличките најчесто ги изработувам од памучен конец но секако на барање на клиентот може и плишаниот конец да се земе во предвид. За везовите на очите исто така користам памучни гобленски конци и секако најразлични додатоци како копчиња, бисерчиња, тантела се’ во договор со нарачателот и во зависност од возраста на детето за кое е наменета самата кукла . Исто така може да има и вметнато жица ( секако добро заштитена претходно ) за да се овозможи движење на телото рацете, нозете и главата) секако повторно во заеднички договор. Се’ само децата да бидат задоволни и среќни.
Како започна приказната на Среќна дружина?
Приказната за Среќна дружина излезе сосема спонтано пред четири години. Ќерката во тоа време имаше 11 години, а беше страствен обожавател на Ariana Grande посака за Нова година кукла со нејзиниот лик. Секако за Нова година не ја доби бидејќи времето беше прекратко, но со помош на You tube најдов туторијали за изработка на кукли во оваа техника, ми се виде лесно и интересно и куклата ја виде светлината на денот некаде кон крајот на Јануари. Потоа изработив уште неколку зајчиња, жирафки , лавче кои ги подарив и кога видов колку се среќни со новиот несекојдневен подарок си реков тоа е тоа: среќата во детските очи е нешто што не се опишува со зборови. Па бидејќи се собра цела дружина од различни играчки страницата каде си ги објавувам ја нареков СРЕЌНА ДРУЖИНА
Колку долго изработувате вакви креации?
СРЕЌНА ДРУЖИНА веќе одлично расте и се развива веќе четири години
Колку време е потребно за да се направи една ваква кукла?
За изработка на една куклаод 40 см ми е потребно од прилика 7-10 дена, во зависност од тоа колку ефективно ќе работам и во зависност од самата големина и тежина на изработка. Додека за помалите куклички потребно ми е околу 3 дена, привезочиња за неколку часа итн.
Самата изработка не е тешко да се научи има толку многу туторијали каде убаво се објаснува како да почнеш , доволно е само да се знаат основните вештини на плетење. Во почетокот и јас користев шеми кои ги наоѓав на социјалните мрежи, за подоцна да почнам и сама да создавам свои гледајќи само слика пред себе, но кога љубовта и креативноста кон создавањето е твоја ѕвезда водилка ништо не е невозможно и тешко
Спој на традицијата и модерното, малите но големите деца сигурно ги обожаваат, какви се нарачки имате?
Во почетокот изработував само детски играчки, но при посета на нашиот преубав Свети Наум видов колку нашата традиција е цената кај гостите од странство. Така дојдов до идеја да го искористам своето знаење и умешност и изработив македонска мома во традиционална селска носија, (а момчето сеуште е негде длабоко во мојата фантазија и го чека својот ред 😄). Со тек на време почнав да добивам и нарачки на модерни ташни за дами со стил (кои на странски сајтови се продаваат и по повеќе од 1000 eura), капи ,ракавици , па се до облека за миленичиња.
Која е најголемата кукла која што ја имате создадено?
Претежно куклите се со висина од околу 40-тина см, но по желба секако може да се изработи и поголема. Во моментот сеуште чекам потврда за еден еднорог кој треба да биде голем околу еден метар и возбудата кај мене е на највисоко ниво, а исто и девојченцето што треба да го добие како новогодишен подарок
Која е Каранфилка кога не изработува кукли, која е вашата приказна?
Надвор од приказната на Среќна дружина , како Каранфилка Гицева сум среќна сопруга и мајка, секогаш поддржана од најблиските за она што го работам. Вработена со динамично темпо на работа со секојдневни обврски. Секое слободно време го користам за да поминам време со своето семејство најчесто прошетка во природа бидејќи на тој начин најбрзо се полнат батериите, а семејството е најважната карика во животот за еден човек да биде среќен
И за крај, дали имате свое мото – нешто по кое се водите?
Ви благодарам од се срце што одвоивте простор и време да ја споделите мојата приказна и само би рекла дека:
Не сме створени да правиме големи работи, но затоа можеме да правиме мали работи со многу љубов.