Андреа Бојковска е архитект по професија но низ лавиринтот на животот и исполнувањето на своите сништа се вљубува во графичкиот дизајн и илустрирањето. Нејзините илустрации веќе може да се најдат насекаде низ светот. Моментално активно дизајнира за dwell magazine и buzzfeed news. Имавме можност да разговараме за нејзината приказна, нејзините сонови и начинот на кој што таа ги исполнува своите цели

 

Почетоците на цртањето се од најмала возраст или подоцна се случи таа љубов?

 

– Цртањето е присутно во моите најрани спомени од детството. Мислам дека првпат се запознав со цртањето кога татко ми ми црташе ликови од Вестерн филмови, и кога и досадував на тетка ми на работа, па ме занимаваше со една цртачка игра – на лист хартија ќе нацрташе глава од човек или некое животно, и ќе го свиткаше листот така што јас само ќе видев каде е вратот и морав да нацртам некое тело. Па секогаш излегуваа смешни суштества – човечка глава со тело на патка и слично.

Бескрајно сум им благодарна за тие рани запознавања, бидејки за мене не постоеше поим здодевно – кога не се играв на улица со останатите деца, дома бев окупирана со цртање.

 

Како започна креативната прикзна и што те инспириаше да почнеш со илустрација?

 

– Кога дојде моментот да се запише факултет и кога прв пат по сериозно се запрашав со што би сакала да се занимавам во животот, тргнав од тоа што го знаев за себе покрај самото пристуство на цртањето од најрана возраст – дека сум среќна кога создавам нешто. Што е конкретно тоа нешто, го барав некое време низ различни работи. Работев како графички дизајнер во компанија за мебел, како архитект во проектантско биро, како архитект на градилиште, но секогаш нешто фалеше. Но кога случајно открив дека постои професија илустратор, беше љубов на прв поглед.

 

Колку долго создаваш?

 

– Почнав да се занимавам со илустрација кон крајот на 2019 година.

 

Од каде најчесто ја црпиш инспирацијата?

 

– Од предизвикот кога треба да дадам визуелно решение на проект/проблем. Од позитивните и негативните страни на современото време во кое што живееме. Од несекојдневните моменти во секојдневието.

, StoryLand

 

Како го одреди својот стил – кој е различен, уникатен и неверојатно современ!

 

– Стил на илустрирање не е дестинација, туку пат. Не е нешто кое се одредува, туку константно се гради. Како што и ние самите раснеме и созреваме, така и стилот.  По многу проби на различни стилови, многу истражување и експериментирање, сфатив дека стилот не треба да е форсирање на нешто што не ти е природно, туку треба да се препуштиш да илустрираш така како што ти прилега и ти е забавно. Пример, јас сум личност која нема многу трпение и дозволив тоа ми се одликува и на стилот – потезите ми се импулсивни, спонтани и не се задржувам предолго на една илустрација.

 

Омилени проекти на кои имаш работено?

 

– Генерално омилени тип на работа ми е едиториал илустрацијата – во магазини, весници, онлајн портали. А ако треба да издвојам некој возбудлив проект, би било пакувањето за кафе за Upwork, и муралот исто така за Upwork, за во нивното седиште во Сан Франциско.

, StoryLand

 

Цртањето и создавањето е твоја прва љубов, но всушнсот по професија си архитект, дали успеваш да ги споиш двете работи?

 

– Многу размислувам на таа тема, и верувам дека во иднина би смислила проект во кој би ги споила двете работи.

 

\

Која ти е омилена илустрација позади која има и интересна приказна ?

 

– Тешко е да се издвои, но ако морам би била онаа со комарците 🙂 Приказната е – секое лето, иста фрустрација, цела сум искасана од комарци, па лани додека ги бркав од мојот балкон, самата мака ме инспирира да ги илустрирам со хипербола, како огромен непријател со кој се соочувам секое лето 🙂 Оваа илустрација е можеби таа од која почна мојот стил да биде по унифициран, со спонтаноста како главна карактеристика.

, StoryLand

 

Повеќе создаваш за Македонски брендови или за пазарот во странство?

 

– Многу повеќе за странски клиенти. За жал, ретко кога домашните компании одвојуваат буџет за илустрација. Се надевам дека тоа ќе се промени.

 

, StoryLand, StoryLand

 

Која е Андреа кога не црта?

 

– Се шета со Џина (нејзиниот мини шнауцер), чита книга во парк, е специјалист за готвење паста, и е таму каде што е добрата журка во околина 🙂

 

Твојата цел генерално и што е она што те води низ лавиринтите на животот?

 

– Одговор и на двете прашања е баланс. Звучи идеалистички и е тешко, но се стремам кон балансиран живот. Од се по нешто, но ништо претарано.

 

Млада си и амбициозна, со интересна професија и атрактивно хоби – која е твојата неостварена желба до сега?

 

– Имам многу 🙂 но ке издвојам две. Сум учествувала на неколку групни изложби, но би сакала да имам самостојна изложба. И голема желба ми е да нацртам мурал.  Пред една година работев (дигитално) мурал за Upwork кој потоа беше печатен и инсталиран во нивната канцеларија во Сан Франциско. Но немам нацртано аналогно во некој јавен простор (Ако не ја земеме во предвид графити фазата која беше тел од моите тинејџ години :)).

, StoryLand

 

Мислиш ли дека уметноста може да ги зближува луѓето и менува?

 

– Уметноста (во било која форма – визуелни уметности, музика филм, итн.) отвара многу теми за разговор. Нуди можност за запознавање на нови луѓе низ настани (концерти, изложби, фестивали), и секако ги поврзува тие со заеднички интереси.

 

И за крај некој цитат што ете може да се каже ти е мото во живтот, не мора да е цитат – некоја мисла што ја поистоветуваш со себе си

 

– Животот е прекраток за да го работиш она што не те исполнува.

 

Каде може да се погледне твојата работа?

– На мојот инстаграм и на мојата веб страна

https://www.instagram.com/andrea_iris/

https://andreairis.com