Kaко се роди приказната на Еужение?
Еужение е сосема природна и спонтана приказна сама по себе. Ја имав таа желба потисната во мене, но не очекував дека некогаш ќе ја реализирам. Знаев дека сакам да започнам нешто свое и истото да се вика Евгенија, именувано по една од ќеркичките близначки на брат ми. Мислам дека доаѓањето на овие две суштества во мојот живот ми даде инспирација и огромна мотивација да соберам храброст и да почнам да создавам нешто убаво и од значење. И ден денес истите тие девојчиња ми ја даваат таа радост и храброст, иако самите не се свесни за тоа 🙂
Се разбира, неизмерната поддршка што несебично ја добивав од најблиските ми беше еден силен ветар во грб.
Почетоците и желбата за природата се од мали нозе или подоцна се слуи таа љубов?
Тоа е нешто што секогаш тлеело во мене, или барем од кога јас се сеќавам. Знам уште како многу мала имав стекнато некое еколошко воспитување, имав огромна љубов према животните, поминував многу време на викендица каде што претежно времето го поминував на река или во бавча помагајќи им на моите 🙂 Така да уште од мала ги сакав сите тие работи кои подоцна стануваа се поинтензивни и поизразени, за да денес бидат еден мој личен,силен белег.
Како започна идејата за да го создадеш првиот производ и што те инспириаше да почнеш со производство на козметика?
Приказната е преплет на многу работи што ме бележат мене како личност. Во некои од објавите на инстаграм по повод првиот роденден зборував за нив. Но, интересирањето посебно за козметиката односно негата на нашата кожа, и што ставаме точно ние на нејзе почна со барање на производи за бебешка нега. Односно пред скоро 4 години во животот ни се појавија Евгенија и Атанасија, близначки кои беа предвремено родени. Поради долгиот период на инкубација и сите случки поврзани за нив, чувањето и заштитата на нивниот имунитет беше од големо значение. Па така кога дојде до избирање на производи за нивна нега, почнав да барам и истражувам производи кои се природни, органски и што е можно со поедноставен состав.Завршивме со купување на Burt’s bee брендод. Читајќи го нивниот состав кој е на база на шеа, какао и кокос путер почнав да истражувам малку повеќе на таа тема. По некое време ја направив својата прва верзија од путер за тело кои се разбира не беше нималку совршен на текстура, но резултатот кој го имаше на кожата беше феноменален.
Никогаш не престанав да го правам тој путер за мене како и за моите најблиски. Едноставно бев прегорда на него 🙂 Година и ипол подоцна, се осмелив истиот тој производ да го спакувам и да го направам достапен и за другите. Работите беа сосема спонтани, и ми е премногу драго што се осмелив на тој чекор.
Колку долго е Еужение на пазарот?
Еужение уште малку слави две години.
Од каде најчесто се инспирираш за да создадеш некој производ ?
Најчесто поаѓам од себе, што јас би сакала плус да додадам во мојата нега. Производите што си ги правам за себе, секогаш истите ги правам и за другите. Правењето сама на свои производи ми го редуцира кумпулсивното купување на козметика , и се свртев се повеќе на минимална и едноставна нега.
Кој од производите ти е омилен?
Пред 6 месеци ќе кажев веднаш дека е путерот за тело, но мислам сега дека серумот за лице ме освои целосно.
Дали можеш да ни кажеш некои придобивки од користење на истиот?
Придобивките се многубројни почнувајќи од длабока хидрација и снабдување на кожата со потребни антиоксиданси и омеги, до враќање на еластичноста и сјајот на кожата, потикнување на произведување на колаген со што ни се намалуваат фините линии, намалување на хиперпигментација, и одличен сојузник во борба против акни. Се ова звучи одлично, но најдобриот дел е што сите тие придобивки ги добиваме од чисти и моќни масла, и производот е вегански, иако најчесто анти-ејџинг серуми содржат компонента од животинско потекло или синтетичко потекло.
Веќе учествуваш на регионални базари и многу луѓе активно ги купуваат и користат производите дали си горда на тоа?
Премногу. Секоја продажба во мене буди прекрасно чувство, од самиот почеток до ден денес.
Ако можеш да раскажеш некоја приказна околу некој производ како дошло до него тоа би било?
Пак би зборувала за серумот, имено, во серумот има една активна компонента бакучиол, која е вид екстракт од билка. Допрва зазема свое место оваа состојка, па е скоро невозможно да се дојде до нејзе, посебно не на Балканот. Успеав да ја најдам во Америка, и се снајдов како истата да дојде до мои раце. Муабетот ми е дека кога сакаме нешто да го постигнеме, колку и да има препреки, ние го тражиме решението.
Која е Анастасија кога не е помеѓу билки тревки и путери?
Се поретко не сум меѓу билките на директен или индиректен начин, или работам со нив, или учам за нив или едноставно сум таму некаде и ги набљудувам. Тоа е една интересна и длабока врска која се јавува без воопшто да бидеш свесен за тоа. Работи во кои уживам, а не се поврзани со тревки се астрологијата, медитацијата и јога, сакам доста да читам слободна литература,да патувам , да поминувам време со моите миленици само во игра или прошетка, сакам да излегувам и да барам добро место со добро сонце и добро кафе :). Колку го сакам надворешниот свет, толку го сакам и мојот дом и времето поминато во него.. И да, сега откако не живеам во Македонија, се повеќе го ценам времето поминато со домашните и најблиските.
Љубовта кон природата е нешто што од хоби преминало во професија, но кога би можела да одлучиш што суштински те дефинира како личност тоа би било?
Се она што го создавам и пишувам е некоја моја лична дефиниција. Ако треба во неколку зборови да се опишам, би се опишала како девојка со силна внатрешна желба да создаде нешто во животот, преку кое ќе ги канализира сите работи што нејзе и се од примарно значение. Од секогаш сум се борела за подобри промени, и конечно најдов начин да ги изразам сите мои идеали. Полна сум со емоции, емпатија, ставови, тврдоглавост, импулсија и борбеност.
Дали Еужение е преземен ризик – со оглед дека сме свесни дека состојките внатре се 100 посто природни и скапи?
Ова прашање ме мачеше многу пред да се конечно одлучам, односно, осмелам да ја започнам Еужение. Особено ме мачеше тоа дали ќе успејам да стекнам доверба кај луѓето пред се. Чистата и концентрирана козметика е можеби поскапа, но трае многу подолго отколку комерцијалната козметика, особено онаа која е полна со ефтини филери. Сепак, тргнав со чиста мисла и убава намера, и мислам дека полека но сигурно производите си зборат сами по себе.
Повеќе се продава на македонски или на регионален пазар?
Изненадена бев колку луѓето тука се спремни да дадат шанса на мал бизнис базирајќи се на некоја своја лична интуиција и иницијатива. Не можам да се пожалам дека нема продажби, иако многу повеќе е развиена свеста ,ако можам така да кажам, да се подржуваат мали бизниси, особено оние кои се креативни и рачно изработени надвор од нашата земја. Знам дека полека, но сигурно се повеќе ќе дојде таа самосвест и кај нас.
Твојата лична приказна – онаа што не е поврзана со Еужение?
Талкајќи по животот успеав да се пронајдам во доцните 20ти години 🙂 Во принцип мојата приказна е доста едноставна, завршив студии на Филолошкиот Факултет во Скопје каде што ги поминав преубавите студенски денови, тој период можеби најмногу патував на подолги периоди. За време на студирањето почнав да работат како фриленсер, и ден денеска го работам тоа, на страна од Еужение. Пред неполни две години се преселив со Белград каде паралелно пробувам да ја развијам Еужение. Вегетеријанец од 14 години.
Твојата цел генерално и што е она што те води низ лавиринтите на животот?
Од срце сакам да успеам и да оставам наследство, односно да оставам траг, се надевам позитивен траг дека нешто убаво е создадено и оставено. И тој мој траг сакам да го носи името Евгенија. Имам желба, а и потреба да создавам нешто, кое ќе му помогне на некој да се чуствува подобро, без разлика дали тоа чуство ќе биде интензивно или по скромно, но да, по природа имам потреба и желба на таков начин да го оставам тој белег.
Млада си и амбициозна, со свој бизнис во зародиш кој е пред се хуман– која е твојата неостварена желба до сега?
Уф, ги имам многу. Ова до сега што го имам постигнато е само мал дел од целата моја замислена слика. Пред се за сега правам многу мали чекори, односно правам чекори колку што ми дозволуваат условите. Имам уште толку многу да учам за да можам да напредувам. Сакам повеќе да навлезам во хербализмот и да научам што е можно повеќе за секоја билка поединечно, иако оваа е процес кој не престануваш да го учиш. Како се повеќе навлегувам во тоа, така се повеќе сакам да бидам способна несебично да го делам тоа знаење. Исто така, преголема желба ми е да имам свој простор каде што би можела да ги изложам сите производи, каде што би можела да правам работилници и би можела да подучувам, да ги запознавам луѓето со целиот тој холистички пристап спрема самите нас, кој според мене е од есенцијално значение, посебно во последниве години. Мислам дека сега многу повеќе него кога било, луѓето треба да си прават своја домашна аптека исполнета со билки, од чаеви, до елексири, сирупи и тинктури. Тревките се нешто што секогаш припаѓале на народот, и така треба и да остане.
Каде може да ги купиме твоите производи?
Можете да ги купите и нарачате на инстаграм профилот https://www.instagram.com/eugenie_cosmetics/
Мислиш ли дека љубовта кон природата и грижата за истата може да ги зближува луѓето и менува?
Да! Само доколку ја набљудуваме природата, ќе сфатиме дека ние сме дел од истата. Ние не сме над нејзе, ние сме во синхронизација со неа. Таа повеќе нам ни е потребна, одколку ние на нејзе. Треба да бидеме свесни дека со природата и се што спаѓа под оваа именка, треба да се однесуваме како што се однесуваме со нас самите. Во момент кога ќе си го ја признаеме реципричната поврзаност ќе бидеме во поголема хармонија со самите себе и во поголема хармонија со се што не опкружува.
И за крај некој цитат што ете може да се каже ти е мото во живтот, не мора да е цитат – некоја мисла што ја поистоветуваш со себе си ☺
Што и да правите или давате без љубов во срцето, тоа е само труд.