Колку долго се бавите со актерството?
Професионално се занимавам со актерство веќе 9 год, од кога дипломирав на ФДУ Скопје. Но, можам да кажам дека се занимавав со ова уште пред тоа, уште од школските денови во Кочани, потоа со аматерската група во моите средношколските денови, ентузијастички и со многу љубов правевме претстави во и околу Домот на културата, благодарение на човекот кој неизмерно го сакам и почитувам – Горан Додевски. Во текот на студиите и после тоа, работев и на алтернативни проекти во Скопје, и потоа во 2015 год се вработив во Театар Куманово.

Како започна вашата љубов со театарот?
Не можам да одредам точно кога, од секогаш сум била заинтересирана за перформативните уметности, но веројатно љубовта, посветеноста и љубопитноста за театарот започна токму со енергијата на таа прекрасна група, мои пријатели, а со дел од нив продолжиме да работиме заедно до ден денес. Тоа време ќе го паметам засекогаш.

, StoryLand , StoryLand

Колку време сте во Театар Куманово?
Од 2015 година, значи 8 год.

Ја памтите ли вашата прва претстава таму?
Да, една од најдрагите претстави кои ми се случиле таму – Жена од минатотo од Ролад Шимелфениг, германски автор, во режија на Нела Витошевиќ. Претстава која се играше долго, која секогаш имаше публика, и со која гостувавме на фестивал во Сараево.

Кои се вашите омилени улоги во Театар Куманово?
Со сигурност знам дека тоа е Марија – ликот на кој работам сега во За кого бијат камбаните, тоа е нешто што го чекав долго време. Среќна сум што на Кумановски театар му се случи да работи повторно со Мартин Кочовски. За другите улоги, не знам, можеби Тина Жена од минатото Мериен од Соѕвездија а изненадно се забавував и со Наде во Мани мани мани и со Лошка во Трнорушка, па и со други … Секој лик е приказна и во сите сум била јас…

, StoryLand

Кои се најинтересните работи во создавањето една претстава?
Зависно од процесот на создавање на претставата и техниките на работа на режисерот, секој процес се разликува еден од друг, така што ние постојано влегуваме од една во друга приказна, од едно во друго, ново темпо. Во театар никогаш не е здодевно, особено во процес кога се соочуваш со нови предизвици – учење некоја нова вештина, истражување поврзано со материјата, слушање музика, гледање филмови, инспирирање, читање итн. И секако, одново соочување со сопствените креативни потенцијали. Процесот на создавање и посветеноста е всушност најкреативниот период, тој (барем за мене) не завршува додека трае пробата, тој може да трае и 24часа, додека сме дома, додека сме на улица… Важно е екипата да биде во иста енергија, да има меѓусебна почит, колегијалност и професионализам.

Која е вашата порака до публиката и до младата генерација?
Повеќе е размислување, отколку порака. Живееме во чудно време, кога луѓето (а посебно младите) се по присутни онлајн, отколку во вистинскиот реалитет, се се одвива брзо и "инстант", никој нема време за паузи со себе и светот, имам чувство дека црните екрани ги заменија најобичните и највредни работи како нормален човечки разговор во очи, допир, прегратка, такви некои работи. Театарот можеби може за момент да биде таа потребна пауза во која ќе нурнеме во себеси, со повеќе емпатија и разбирање за светот околу нас, зошто ние, всушност, раскажуваме приказни за човештвото. Сите ние, и оние на сцена и оние во публика, имаме одговорност. Театарите не се САМО места за забава, каде ќе ги заборавиме на секојдневните проблеми, тие се и места каде што едно општество ја промислува, гради, дискутира и критикува културата и сите аномалии во општеството. Во вистинскиот театар гледачот не е само пасивна публика туку активен слушател и учесник. Се друго е само уште еден мртов изложбен простор. А ние сме живи, нели?!

, StoryLand , StoryLand