Додека живееше во Велика Британија, животот на Меган Маркл не и беше лесен. Таа постојано беше распнувана од британските медиуми, а тоа е една од најсилните причини зошто таа и Хари заминаа да живеат во САД и се повлекоа од кралските должности.

Анил Канти „Нил“ Басу, поранешен шеф на единицата за борба против тероризмот на Метрополитенската полиција во Лондон, изјави за вестите на Канал 4 дека Меган добила бројни закани за време на нејзиниот престој во ОК, од кои некои биле „одвратни и многу реални“.

Со години јавно зборувам за заканата од екстремно десничарскиот тероризам во оваа земја. Да го видевте напишаното и да го примевте, цело време ќе се чувствувавте загрозени, изјави Басу, кој со тимот ги истражи заканите кон Маркл и ги гонеше инволвираните лица.

Затоа и не е чудно што Хари сакаше да се оддалечи од родната земја – тоа беше единственото решение да ги заштити сопругата и децата, бидејќи не сакаше историјата да се повтори. Во документарецот на ТВ Apple+ „The Me You Can’t See“, принцот сподели дека се плаши за животот на Меган поради тоа како папараците се однесувале со неговата мајка, принцезата Дијана, до кобната сообраќајна несреќа во која таа го загубила животот.

-Мајка ми беше прогонувана до смрт додека беше во врска со некој кој не беше бел и погледнете како заврши. Сакате да зборувате за историјата што се повторува? Нема да застанат додека Меган не умре, искрен беше Хари.

Друг голем фактор што придонесе за загриженоста за безбедноста на Хари и Маркл беше фактот што им беа одземени безбедносните привилегии во Обединетото Кралство откако објавија дека се повлекуваат како високи членови на кралското семејство и се преселиле во Калифорнија пред две години.

Поради ова, парот не сакал да ги земе со себе синот Арчи и ќерката Лилибет во Британија кога отишле да ја посетат покојната кралица Елизабета, туку ги оставиле дома во САД.