Доколку сте љубители на креативни изработки кои во себе содржат порака тогаш “Мала пажња” е совршено место за вас. Мал бизнис кој работи со љубов, привлекува внимание со креативноста и особено измамува насмевки кај најмладите членови во семејството. Имавме можност да
поразговараме за тоа како настана приказната околу “Мала пажња”.
Како се случи приказната “Мала пажња”?
Приказната наречена “Мала пажња” се роди во 2006та година, а за нејзиното настанување влијаеја повеќе убави приватни настани, меѓу другото преселба во нов дом и прв роденден на нашето прво синче. За овие т.н. настани, јас лично (Маја) имав одредени замисли за работи што
не можев да ги најдам во стандардните продавници, а тој период креативните изработки не беа толку многу достапни како денес, па заедно со сопругот решивме да почнеме сопствен мал бизнис, со цел да го олесниме тоа и на другите како мене што нешто сакаа да направат, а не знаеја
поточно каде и како.
Како дојде до името, не заборавајќи дека е многу креативно?
Искрено, не размислував премногу за име, едноставно како да ми светна некоја сијаличка над глава и веднаш знаев дека “тоа е тоа”. Во текот на годините добиваме доста забелешки дека се работи за србизам и дека треба да биде “Mало внимание”, но јас лично сметам дека е фраза која
доста се користи во секојдневието како дел од жаргонскиот јазик и дека е име кое лесно “влегува во уво”.
Кој е првиот производ, и дали има некоја приказна околу него?
Прв производ во Мала пажња се врамените постери. Всушност тоа беше она што ми недостигашево новиот дом за декорација, а никаде не можев да најдам онакви какви што си имав замислено.Па така, прво почнав да создавам врамени цитати и ден денеска понекогаш скролам до скроз
првите објави на нашата Фејсбук страна и кога ги гледам објавените слики ме облева преубавочувство и ме враќа на самите почетоци.
Вашата креативност нема граници, дали идеите се на еден човек или позади мала пажња стои тим?
Со оглед на тоа дека се работи за мал бизнис, малите бизниси нели претежно се семејни бизниси, па така и нашиот �� на почетокот бевме само јас и сопругот кој уште од почетокот безрезервно ја поддржа мојата идеја и како претприемач ги презеде сите ризици за инвестирање во соодветна
опрема, како и отварање на фирма и сите оние обврски кои одат со тоа. Јас сум повеќе насочена кон креативниот дел, изработките, дизајните, маркетингот и создавање непосреден и пријателски однос со нашите клиенти. Денес, после 8 години можам да кажам дека сме тим, не голем, но
доволно голем за да ги реализираме сите замисли и потреби.
Како е да се има мал креативен бизнис во Македонија?
Ќе бидам доста искрена во однос на ова прашање и ќе кажам дека е исклучиво тешко, од повеќе причини. Коренот од кој потекнуваат сите причини е општо нашиот стандард кој е реално низок. Мал процент на луѓе ги ценат креативните и уникатни изработки, додека пак на поголем процент
од нив истото им е прескапо – што повторно го препишуваме на нискиот стандард. Претежно се цени само крајниот производ, но не се гледа неговата позадина, како е тој настанат, осмислен, дизајниран и слично. Но и покрај се’, за ништо на светот не би ја менувала оваа работа, за ниту
една друга фирма и плата, не постои нешто што може да те исполни повеќе од задоволен клиент и убава порака на крајот од денот.
Кои се предизвиците со кои се соочувате дневно?
Предизвиците во текот на еден работен ден би ги поделила во две групи позитивни и негативни предизвици. Во првата група се наоѓаат стандардни, секојдневни обврски за кои можам да кажам дека се еден вид на предизвик, чие реализирање се одвива по точно утврден редослед
и агенда. Втората група, во која се наоѓаат негативните предизвици би рекла дека се некои непланирани ситуации и проблеми со кои се соочува секој на своето работно место. Во моментов како најголем негативен предизвик со кој се соочуваме се покачените набавни цени насуровините. Како и да е, без разлика дали се работи за технички проблем или конфликтна ситуација со потенцијален или тековен клиент, она што го научив низ годините е дека со трпение се решава буквално се’.
Дали вреди да се ризикува и да се прави нештото што го сакаме по секоја цена?
Хмм, доста интересно прашање. Јас во принцип сум човек кој не сака многу ризици, секоја одлука ми е промислена и сакам да сум со нозете цврсто на земја. Не сум ниту преголем оптимист ниту песимист, некаде на средината, би рекла – реалист �� Факт е дека без ризик нема добивка, но не
и по секоја цена, мислам дека општо во животот ништо не треба да се направи по секоја цена.
Која е мотивацијата која ве води и во вакви турбулентни времиња да создавате?
Кога знаете дека учествувате во најубавите моменти на луѓето, родендени, веридби, свадби, крштевки, празници и разни животни настани, не може да не почуствувате сатисфакција, а со тоа и уште поголем мотив за следниот ден. Кога ќе се израдува едно мало детенце со изработка со
неговиот омилен лик или кога знаете дека нешто го краси домот на млад брачен пар, кога дедото што се пензионира добил персонализиран подарок од најмилите…тоа е најубавото чувство на светот за нас.
Чии се графичките дизајни на бодињата, шољите, шишенцата?
Како еден комплетен аматер на тема дизајн, па згора на тоа и правник, со гордост можам да кажам дека дизјаните се лично мои. На почетокот се работеше само за натписи, тоа не можеше да се нарече дизајн, бидејќи се менуваше само фонт. Како што расте и напредува Мала пажња, така
растат и напредуваат дизајните. Секојдневно учам, испробувам нови програми, алатки, се трудам да бидам во тек со она што е тековен тренд, да допрам до некого со конкретен натпис, па потоа идејата за дизајнот доаѓа природно.
Што ве инспирира најмногу при создавањето на производите?
Позади секој интересен натпис/дизајн стои конкретна ситуација од секојдневието со која може да се поистоветат многумина. Без разлика дали се работи за некоја професија, празник, сегменти од мајчинството, пријателството, односи помеѓу колеги-колешки и слично, секогаш се обидувам да го
доловам тоа на некој сладок, реален и хумористичен начин.
Некоја интересна приказна околу некој дизајн што би сакале да ја споделите?
Се случи неодамна, на излогот имавме ставено комплет навлаки за големи перници, на едната навлака пишува “често хрчам” а на другата “ретко спијам”. И така едни две женички си стоеја на излогот, ги меркаа навлаките и влегоа решени да ги купат, само им требаше од нас потврда и
гаранција дека навистина помагаат при хрчењето. Потоа им објаснивме дека не се работи за никакви “магични навлаки” туку дека само дизајнчето е такво, за пар во кој едниот често хрчи, а другиот ретко спие и сите слатко си се изнасмеавме.
И за крај, што е она на што се темели “мала пажња” кој е цитатот кој ве води да продолжите да создавате?
Ако го работиш она што го сакаш, не треба да работиш ниту еден ден во твојот живот