На 06.11 во 20ч во Public Room се случи премиерната изведба на кореодрамата “Поблиску” работена според драмата ‘Поблиску” од Патрик Марбер, во режија на Сања Русеска, изведена од Анастасија Величковиќ и Марко Трајковиќ. Музиката е на кумановскиот бенд KHARA, а фотографиите, видео анимациите, дизај на плакатот се на Емил Пачковски.
Во претставата преку кореографија, физички театар и користење на многу малку текст се прикажува приказна за еден пар, кој се изневерува, преку слики се раскажува за една “љубов” која одзема, повредува, разочарува; гледаме пар кој го расипува убавото, се распаѓа и ја убива љубовта, ако воопшто било тоа љубов, пар кој од поблиску поради одлуките станува се подалеку; и се поставува прашањето што е Љубов, како е вистински да се сака?
Имавме многу убав, креативен процес. Се забавуваме додека работевме, иако разработувавме теми како изневерување, лажење и повредување, нашите продлабочувања и оправдувања доаѓаа преку хумор, се разбиравме лесно, секоја идеја, слика која ќе се поставуваше беше дополнета и исполнета од нивна страна, тие се многу креативни и талентирани, отворени за нови работи и искуства, прекрасно беше да се работи со нив. – изјави Сања Русеска. Поблиску е моја прва кореодрама и навистина е поразлична од се што имам работено. Ми беше потребно малку време да се навикнам на начинот на работа, поради тоа што се разликува од класичните форми на театар на кои имам навикнато. Преубаво искуство и производ кој вреди да се види. Вели младиот Марко Трајковиќ за претставата Поблиску.
Преубаво, дури и на моменти малку нереална е сензацијата која ја чувствувам играјќи ја нашата Поблиску работена според Патрик Марбер. Една многу поразлична форма театар каде што се препушташ на дразбите создадени од целата атмосфера на сцена, збогатена со музиката на KHARA. Дури и секоја секунда исполнета со тишина нема да остави никого рамнодушен. Преубаво искуство кое едвај чекам да се повтори – изјави младата актерка Анастасија Величковиќ.
Претставата е подржана од Министерството за култура.