Оркестарот на Филхармонијата денеска во 20 часот ќе го изведе концертот насловен „Омаж за Саша Николовски -Ѓумар“, посветен на големиот македонски диригент. Пред концертот во фоајето на Филхармонија ќе биде отворена и изложба на дела од Саша Николовски – Ѓумар, кој освен диригирањето кое му беше професија, имаше пасија и кон сликањето и пишувањето.
На програмата на овој концерт се две дела од рускиот композитор Сергеј Рахмањинов – Концерт за пијано и оркестар број 3 и „Симфониски танци“. Како солист на пијано ќе настапи македонскиот пијанист Дино Имери, а диригент е Вања Ѓумар Николовски.
Рускиот композитор Сергеј Рахмањинов (1873-1943) пишувал исклучително романтична музика, иако живел и создавал до средината на 20 век. Тој продолжил таму кај што застана Чајковски, збогатувајќи го мелодискиот идиом, типичен за музиката на 19 век со индивидуализам и препознатливост.
Она што го прави препознатливо делото „Концертот бр.3“ е фактот дека не е напишано во типично романтичарски рамки во кои солистот е „главна ѕверка“, туку има похуман музички контекст во кој солистот свири флексибилно, посветено и заедно со секој музичар во оркестарот учествува во создавањето на музичкото дело.
Рахмањинов посебно го почитувал Симфонискиот оркестар на Филаделфија и неговиот музички директор Јуџин Орманди. Како пијанист со него настапувал повеќе пати, а како композитор исклучително го ценел квалитетот на овој симфониски оркестар. Кога започнал да работи на „Симфониските танци“ освен што на ум го имал овој оркестар, воедно мислел и на тоа дека овој ансамбл премиерно ќе го изведе ова дело. Инаку ова не е единствено дело кое Рахмањинов го напишал за оркестарот од Филаделфија – тука се и „Рапсодија на тема од Паганини“ и Концертот за пијано и оркестар број 4 кои исто така првпат се изведени токму од овој ансамбл. Светската премиера на „Симфониските танци“ се случила на 3 јануари 1941 година и тие всушност биле последна композиција на Рахмањинов, кој починал две години откако ги завршил.
Дино Имери (1990) е еден од седумте најреномираните македонски пијанисти. Со огромен успех настапува на престижните сцени низ светот како гостин на врвни оркестри, како рецитален уметник и како камерен музичар. Има настапувано во Италија, Франција, како и во некои земји од Балканот. Настапувал во придружба на Стразбуршкиот филхармониски оркестар, Софиска филхармонија, Македонска филхармонија, Симфониски и Камерен оркестар на ФМУ – Скопје, Оркестарот на Националната опера и балет. Соработувал со еминентни уметници меѓу кои диригентите Јосеп Висент, Најден Тодоров, Емил Табаков, Саша Николовски – Ѓумар, Дијана Имери Илкоска, Борјан Цанев, Сашо Татарчевски, Кире Костов, Ле Фи Фи, Бисера Чадловска, потоа пејачи и инструменталисти како Игор и Ана Дурловски, Благој Нацоски, Либуше Санторисова, Алексеј Шаповалов, Луиџи Скифано, Бојан Илкоски, Влатко Стефановски, Ади Имери, Стојан и Нинослав Димови, актерката Симона Спировска, балерина и кореограф Ивана Коцевска и др.
Добитник е на бројни награди и признанија меѓу кои награда „Виртуози“ за млад музички уметник, „св. Мајка Тереза“ за хуманост, Лауреат на Фондација „Томислав Зографски“, Златна Буба мара на популарноста, ранг во десетте најдобри млади европски пијанисти според 3eme Concours européen de piano – Normandie.