Колку долго се занимавате со актерството?
Ми се чини, многу долго 😊 Уште за време на средно училиште, па потоа на Факултетот за драмски уметности, па скоро две години работен ангажман во Народен Театар “Војдан Чернодрински“ во Прилеп, па Куманово и ете така годините се напластија и станаа бројка од над 30 години.
Како започна вашата љубов кон театарот?
Започнав сериозно да се посветувам на театарот уште за време на средношколските денови кога станав дел од Театар “Чекори“, независна театарска група која работеше во рамки на Домот на културата “Димитар Влахов“ во Скопје, под водство на Боре Ангеловски. Во тоа театарско опкружување кое мошне ентузијастички и со многу љубов беше посветено на театарот, станав сигурна дека актерството е професијата на која сакам да и се посветам, за цел живот.
Колку време сте во Театар Куманово?
27 години.
Ја паметите ли вашата прва претстава таму?
Да. 1996-та. Ми беше особено драга. “Лазаревото писмо“ во режија на Љубиша Георгиевски. Претстава која на Фестивалот “Војдан Чернодрински“ во Прилеп освои две награди: за актерско остварување на Горан Илиќ и за драматизација на Томислав Спасовски и Љубиша Георгиевски.
Имате ли некоја анегдота/приказна од зад кулисите која сакате да ја раскажете?
Безброј се. Не би можела да издвојам. Би го споделила чуството кое не ме напушта, а тоа е дека театарот во периодот пред околу 10, 15 години се уште живееше и дишеше со полни гради, беше уметноста која ја имаше сета почит од општеството, па така создаваше и безброј приказни, анегдоти на кои со задоволство се потсетуваме, за разлика од денес, кога наша постојана преокупација е како да му го задржиме статусот на театарот и тоа е процес која заморува и не одвојува од убавите моменти кои можат да создадат било какви приказни/анегдоти.
Кои се вашите омилени улоги во Театар Куманово?
Милка, “Чест“, Васил Иљоски
Даница Чворовиќ, “Балкански шпион“, Душан Ковачевиќ
Рањаева, “Вишновата градинка“, Алексеј Слаповски
Мајка Храброст, “Мајка Храброст“, Бертолд Брехт
Леди Макбет, “Макбет“, Вилијам Шекспир
Што би сакале да одиграте и да и подарите на кумановската публика?
Би сакала да имам можност да одиграм лик од драмски текст од домашните современи автори. Сметам дека новата македонска драма е малку застапена, особено кај нас во кумановскиот театар.
И би сакала да имам можност да се посветам на улога од драмски текст од скандинавската драматургија. Во кумановскиот театар воопшто не се поставувани Ибзен, Стринберг, па мислам дека е време малку и ним да им се посветиме.
Треба да мислиме на тоа дека на кумановската публика потребно е постојано да и нудиме нова естетика, во случајов преку драмските дела.
Кои се најинтересните работи во создавањето на една претстава?
Јас најмногу го сакам периодот на една до две недели пред премиера кога влегуваат костимите, сценографијата, се мести светло, се дефинираат точните шлагворти за музиката. За многумина ова е многу стресен период од процесот на создавањето на театарската претстава, ама јас го обожавам. Тогаш приказната на претставата започнува да го добива вистинскиот облик на живот кој има намера да го претстави на сцената.
Која е вашата порака до публиката и до младата генерација?
Одберете да работите она што го сакате. Љубовта кон она, кон што сте одлучиле да се посветите е гаранција дека ќе сте во можност да ги надминете сите предизвици.