Бојан Ковски е нетипичен артист, неговата уметност ги краси човечките тела. Но освен тоа што е мајстор со четката на гола кожа, неверојатно е колку е мастер на  платното.

Како започна приказната на Бојан?

Не би можел да се сетам кога за прв пат започна оваа моја приказна, но вивидно ми се врежани во сеќавање моите дела кои што ги имам направено на многу рана возраст. Кога би ги прашале моите родители, би ви рекле „Бојан слика од раѓање“. Но, професионално оваа приказна започна во 2011 година кога за првпат стапнав на факултетот за ликовни уметности во Скопје, започнувајќи го моето кариерно патување во оваа сфера. Од тогаш па наваму, со посветеност и многу работа мојот детски сон полека се остварува.

Која е интригата која што те фасцинира во поставување на човечко тело на платно, а воедно и сликање врз вистинско тело?

Инспирацијата во моето творештво најчесто, да не речам секогаш, било човечкото тело. Така што не е ни чудно што моето творештво е посветено токму на тоа. Совршеноста на човековата фигура со сите свои мани и доблести прави една слика на која што секој уметник се воодушевува и се обидува да и вдахне живот. Мојот осврт на ова во никој случај не е иновативен ниту нов. Единствена карактеристика која што јас можам да ја земам како своја е мојата техника и приказната која што се стремам да ја пренесам. Сликањето на тело како тродимензионална површина дава друг поглед врз делото кој што е комплексен, но сепак се вклучува во мојата авторска работа и мојата пракса.

, StoryLand

Неверојатно е како твоите цртежи на човечкото тело метастазираат убавина и го проектираат она што ти сакаш да го кажеш. Како ги бираш моделите?

Јас самиот не ги бирам моделите, повеќе би рекол дека самиот проект на кој што работам и идејата која ја имам има одреден модел кој што би одговарал за делото да биде успешно.

Дали цртањето на голо човечко тело кај нас е табу тема?

Воопшто не, можеби било некогаш. Но сега за сега јас не можам да се пожалам.

Дали емотивно се врзуваш со делата кои што ги сликаш, бидејќи сепак ги работиш одреден временски период а после треба да се одделиш од нив?

Секако дека да, сметам дека поголемиот дел од авторите во било која област се врзуваат со нивните дела. Но, како автори мора да сме свесни дека откако делото ќе се заврши тоа дело живее свој живот и колку и да е тешко поради одредена причина во одреден период ќе мора да се одделиме од нив.

Кој е Бојан кога не ја држи четката во раце, која е твојата приказна?

Бојан кога не ја држи четката во раце е Бојан без четка во раце, целосно истата личност која што ужива во своето секојдневие како што се надевам дека ужива секој друг.

Раскрилен меѓу различни стилови на сликање – што е она што би сакал да го работиш секогаш?

Мојата професија доста мал дел од луѓето ја гледаат како работа, одреден дел како хоби, а најчесто како „шо праиш си црткаш“. Јас ја гледам како нешто без кое мојот живот би бил празен и затоа не можам да ја наречам работа, нешто што го работам и не можам да го наречам хоби и нешто каде што сите мислители би ги поканил да си „поцрткаат“. Сепак, не би можел да се оттргнам од ништо што го работам во моментов и ќе го работам истото, се надевам дека и во други облици и техники.

, StoryLand

Моментално спремаш нова изложба која ќе се случи на 13ти Декември, што може да очекуваме?

На изложбата во археолошкиот музеј на 13ти Декември ќе бидат поставени 12 слики масло на платно. Самата изложба е продолжување на изложбата „Panta Rhei“ која што се случи за прв пат во 2019 година, но е целосно во нов дух, нов начин на изработка и нов колорит. Посетителите може да очекуваат посебно визуелно искуство кое што се надевам дека ќе им остане во сеќавање.

Кој е стилот кој го работиш сега?

Стилот на еден уметник се менува, но никогаш драстично. Дури и кога е променет тоа не значи дека е намерно, туку е процес на изработка која што се случува спонтано. Мојот стил останува ист само малку надграден.

Која е целта на Бојан во ова општество, и кој е твојот мотив за да се бавиш со уметност во вакви турбулентни времиња?

Уметноста е едно од главните обележја на било која ера и за неа турбулентноста е константа. Мојот мотив е гледачот да почувствува нешто убаво.

Амбициозен си, и веќе поставуваш и регионални успеси – која е твојата неостварена желба?

Неостварени желби има многу, но на ова прашање ќе се фокусирам повеќе на целта отколку на желбите и би рекол дека целта е побитна од желбите, а тоа е ретроспективна изложба.

Дали поставување на дело е раскажување на приказна?

Секое дело има за цел да пренесе одредена порака и да побуди некакво чувство. Тоа се неговите примарни цели бидејќи мора во себе да содржи приказна.

Твоите дела будат различни емоции, од страст, тага до неизмерна љубов, дали се пресликуваш себе си во нив и твоите чувства?

Да.

И за крај дали можеш да ни кажеш еден цитат, твој или од некој кој те води низ приказната која неуморно ја создаваш?

Panta Rhei